180 лица се уапсени во Франција по втората ноќ на немири низ целата земја, соопшти кабинетот на министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин во четвртокот, откако сообраќајната полиција застрела и усмрти 17-годишно момче.
Министерството за внатрешни работи на Франција соопшти дека се повредени и најмалку 170 полицајци. Во исто време министерот Џералд Дарманин најави дека ќе мобилизира 40.000 полицајци низ цела Франција, но нема да прогласи вонредна состојба.
„Ноќ на неподносливо насилство врз симболите на Републиката. Градските сали, училиштата и полициските станици беа запалени или нападнати“, напиша министерот во објава на социјалната мрежа Твитер.
Полициската употреба на смртоносна сила во работничкото париско предградие во Париз, Нантер против тинејџер, кој има северноафриканско потекло, влијаеше на длабоко вкоренетата перцепција за полициската бруталност во етнички различните населби на најголемите градови низ Франција.
Министерството за внатрешни работи на Франција во средата соопшти дека 2.000 полицајци се мобилизирани во регионот на Париз, а превртените возила гореле на авенијата „Пабло Пикасо“ во Нантер, непосредно пред полноќ, додека со пиротехнички средства биле гаѓани полициските сили.
„Полицијата се судрила со демонстрантите во северниот град Лил и во Тулуз на југозапад, а немири имало и во Амиен, Дижон и административната област Есон јужно од француската престолнина“, изјавил за тамошните медиуми портпаролот на полицијата.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, свика итен состанок на Владата за четврток, соопшти неговиот кабинет.
На почетокот на состанокот, Емануел Макрон рекол дека е „неоправдано“ насилството што се шири низ Франција втор ден по ред, откако полицаец застрела и уби 17-годишно момче во предградие на Париз.
Тој во средата кажа дека фаталното пукање на тинејџерот е „неоправдано“.
Според обвинителите, 17-годишникот во вторникот наутро возел со голема брзина во Нантер со двајца патници во возилото и ја преминал автобуската лента. Првиот обид на двајца полицајци на мотори да го запрат на семафор не успеал. Младиот човек возел и покрај црвеното светло и продолжил да бега по патиштата, соопштија од државното правобранителство.
Кога малку подоцна полицијата го фатила и го запрела, двајцата службеници го впериле оружјето кон тинејџерот на ниво на возачката врата и побарале да го исклучи моторот. Кога осомничениот ненадејно дал гас на автомобилот, еден полицаец испукал истрел, се вели во соопштението.
На видеото од инцидентот од мобилниот телефон на сведок, потврдено од каналот France Info, се гледа како полицаец вперува пиштол кон возачката врата на запрен автомобил.
Кога младиот човек зад воланот ненадејно излетал, полицаецот пукал од непосредна близина и смртно го ранил.