Полската агенција за внатрешна безбедност уапси двајца Руси кои лепеле плакати во Краков и Варшава со кои ги повикувале граѓаните да се приклучат на руската платеничка воена група Вагнер.
„Заедно со полицијата, агенцијата идентификуваше и уапси двајца Руси кои лепеле пропагандни летоци на групата Вагнер во Краков и Варшава. Двајцата беа обвинети, меѓу другото, за шпионажа и беа ставени во притвор“, објави на социјалната мрежа Твитер, Мариуш Камињски, полскиот министер за внатрешни работи.
Минатата недела во Краков се појавија налепници и постери на групата Вагнер со QR код и порака на англиски јазик – „Тука сме, придружи ни се“, а подоцна вакви постери и налепници се појавија и во Варшава.
Кај уапсените руски државјани биле пронајдени повеќе од 3.000 пропагандни летоци и плакати на групата Вагнер, а според информациите на полицијата во Краков и Варшава успеале да залепат околу 300.
„Испратија фотографии од поставените плакати, а кога ја завршија работата, од руска страна требаше да добијат 500.000 рубљи (околу 4.500 евра) и да ја напуштат Полска кон средината на август“, соопштиле од кабинетот на Мариуш Камињски, кој е координатор на полските разузнавачки служби, а објави државната медиумска агенција PAP.
За делата за кои се товарат им се заканува казна затвор до десет години.
Полска продолжува да ја опремува оградата долж границата со Белорусија, висока 5,5 метри, со камери и сензори, а министерот за одбрана Мариуш Блашчак испраќа 10.000 војници од западните и централните региони на Полска да помогнат во обезбедувањето на границата.
Премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки, ги обвини Русија и Белорусија дека испраќаат руска платеничка армија во Белорусија со цел да ја дестабилизираат Полска, но и дека руските платеници се преправени како мигранти во Полска, каде што ќе вршат саботажи и диверзии.