Тајландската полиција во вторникот објави дека уапсила 14-годишно вооружено момче по пукање во луксузен трговски центар во главниот град Бангкок, во кое според службите за итни случаи загинале три лица, а четворица се ранети.
Детективското одделение на полицијата на својата страница на социјалната мрежа Фејсбук објави дека 14-годишно момче, кое е осомничено за нападот, е уапсено и приведено на распит поради инцидентот во трговскиот центар „Сиам Парагон“.
Службите за итни случаи споделија фотографија од полицаец кој апси и става лисици на лице кое лежи со лицето на земја.
Премиерот на Тајланд, Сретта Тависин, објави дека добил полициски извештај дека напаѓачот е уапсен и дека ситуацијата сега е под контрола.
Видеата објавени претходно на социјалните мрежи покажаа сцени од хаос во кои се гледаат толпи луѓе и деца како трчаат од трговскиот центар додека чуварите брзаат со нив.
Вооружените напади не се невообичаени во Тајланд.
Минатата година поранешен полицаец уби 22 деца во градинка, а во 2020 година војник застрела и уби најмалку 29 луѓе и рани 57 во и околу тајландскиот град Након Рачасима.