ФОТО | Христијан Мицкоски, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на средба со министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија, предводена од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а во чиј состав беше и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, како и пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова, остварија средба со Александар Шаленберг, министер за надворешни работи на Австрија, Јан Липавски, министер за надворешни работи на Чешка и Мирослав Влаховски, министер за надворешни работи на Словачка.

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија се заблагодариле за посетата на високите гости од Австрија, Чешка и Словачка и се осврнале на ситуациите во земјава, а поврзани со Европската унија.

При тоа, тие истакнаа дека пречка на патот на Македонија кон ЕУ, повеќе и од Бугарија, е корупцијата во највисоките ешалони на власта, невладеењето на правото и злоупотребата на институциите“, соопштија од ВМРО – ДПМНЕ.

Како што се наведува во соопштението, била подвлечена злоупотребата на европското знаменце во Собранието на РМ, каде се прави обид закони за игри на среќа и закони на штета на македонските граѓани да се поставуваат во скратена процедура за да се избегне дебата и одговорност пред граѓаните. Понатаму, се посочува во соопштението, претставниците ја подвлекоа конструктивната улога која земјава ја играла во регионот сите изминати години, во сите кризи на Балканот.

Во врска со намерата на власта, без вклучување на опозицијата во ниеден дел од преговорите, да протурка низ Собранието уставни промени под ултиматум од бугарска страна, претставниците едногласно го повторија заедничкиот став дека уставни измени под диктат нема да бидат поддржани и дека државата итно треба да се фокусира на завршување на вистински реформи на системот кои ќе значат вистинска европеизација. Ставот на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија останува дека европеизацијата на Македонија не смее да значи откажување од основните идентитетски одредници на македонскиот народ, вклучување на билатерални историски прашања во преговори со ЕУ и поигрување со националните чувства на македонскиот народ“, се наведува во соопштението од ВМРО – ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕМакедонијаполитика