Рубин жестоко ќе го казни албанскиот фудбалер Мирлинд Даку за навредливи скандирања кон Србите и Македонците на Европското првенство во Германија.
Клубот од Русија ќе примени дисциплински и финансиски санкции против Мирлинд Даку, кој си дозволи да скандира навреди кон Србите и Македонците на ЕУРО 2024. Ова се вели во соопштението на тимот од Казан.
Инцидентот се случи на 19 јуни на натпреварот Хрватска – Албанија (2:2). Според пишувањата на медиумите, хрватските и албанските навивачи за време на натпреварот од трибините скандирале „Убиј го Србинот“. Се забележува дека заедно со навивачите преку мегафонот скандирал навредливи пораки и напаѓачот на албанскиот клуб Рубин Даку. Песната беше упатена до Србите и Македонците.
„Нашиот клуб е свесен за својата одговорност за тоа што се случи. ФК Рубин претставува мултинационален тим и секогаш се придржува до принципите на почитување и еднаквост, категорично осудувајќи ја секоја форма на дискриминација и навреди на национална, верска или расна основа.
По враќањето во просториите на клубот, фудбалерот ќе биде подложен на дисциплински и парични санкции. Исто така, ќе се разговара со играчот за да се избегнат вакви инциденти во иднина“, се вели во соопштението на Рубин.
Таткото на Мирлинд Даку, Фехми Даку, вчера преку изјава за руските медиуми се обиде да го оправда својот син , велејќи дека албанскиот фудбалер бил понесен од емоции. Дека сè направил ненамерно и дека се надева дека неговиот син нема да биде дисквалификуван од ЕВРО 2024, поради говор на омраза, спротивно на кодексот на спортските настани.
Клубот и руските медиуми не ја прецизираа висината на казната што ја чека Мирлинд Даку, но се претпоставува дека таа ќе биде тешка. Одредени телеграмски канали наведуваат дека Албанецот ќе биде казнет со парична казна од еден до три месеци плата, а навивачите на тој клуб му порачуваат дека е подобро да ја смени средината по ЕП.