Синдикатите во Франција во четврток повторно повикаа на штрајкови и протести ширум земјата против пензиските реформи на претседателот Емануел Макрон.
Надлежните очекуваат дека на протестот, кој сега е во 12-ти ден, ќе учествуваат од 400 до 600 илјади луѓе. Планирано е да се ангажираат 11.500 полицајци, од кои 4.200 само во Париз.
Се очекува во петок Уставниот совет да ги соопшти резултатите од разгледувањето на предлогот за реформи. Може делумно или целосно да ја поништи пензиската реформа или да ја прогласи за уставна.
Протестите се насочени против постепеното зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.
Спорот се засили затоа што Владата без гласање го протурка законот (реформата) низ Народното Собрание. Протестите, кои беа мирни со недели, оттогаш останаа во сенка на масовното насилство и големи нереди низ целата држава.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, сака реформата да стапи на сила до крајот на годината.