Повеќето возови се запрени, училиштата се затворени, рафинериите за нафта не работат, а производството на електрична енергија е намалено по штрајкот на синдикатот поради пензиските реформи.
Повеќето возови запреа, училиштата затворени, рафинериите за нафта не работат и производството на електрична енергија беше намалено, откако водечките синдикати одржаа шести национален штрајк против пензиските реформи на претседателот Емануел Макрон.
Ова е шести пат од 19 јануари луѓето масовно да протестираат против предложената пензиска реформа, со која се бара поместување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години и продолжување на времето за плаќање на придонесите потребни за добивање целосна пензија.
Според извештаите на Ројтерс, испораката и преработката на гориво денеска е прекината во неколку француски рафинерии и магацини со кои управуваат Тотал Енерџис и Есо, пренесе Хина.
Портпаролот на Тотал енерџис изјави дека 64 отсто од 296-те оператори на неговите локации денеска штрајкуваат.
Претставник на синдикатот CGT во оваа компанија изјави дека штрајкот во рафинеријата Гонфревил во Нормандија е предвидено да трае до четврток, а во рафинеријата Донгес во западна Франција до петок.
Пензиски реформи
Анкетите покажуваат дека мнозинството гласачи се против реформата бидејќи ја сметаат за „нефер“, особено кон работниците на тешки работни места.
Владата, сепак, вели дека промените се неопходни за да се извади францускиот пензиски систем од дефицит до 2030 година и е решена да го спроведе својот план.
„Разбирам дека многу луѓе не сакаат да работат уште две години, но неопходно е да се обезбеди одржливост на пензискиот систем“, изјави премиерката Елизабет Борн за ТВ Франс 5.
Но, синдикатите се цврсто вкоренети во своите позиции и немаат намера да се повлечат, туку да го зголемат притисокот врз претставниците во Националното собрание и да ги убедат да не гласаат за реформата. Тие исто така предупредуваат дека штрајковите во рафинериите за нафта и железницата може да траат со денови.
„Не се откажуваме. Денеска ќе изнесеме повеќе од два милиони луѓе на улица. Јас сум убеден во тоа. Ќе продолжиме додека не се повлече реформата“, изјави Ерик Селини од синдикатот ЦГТ.
„Планирани се собири низ целата земја, откако повеќе од 1,27 милиони луѓе излегоа на улиците на 31 јануари, се наведува во полицискиот извештај.
Заедно да ја доведеме Франција во ќорсокак“, се вели во заедничката изјава на синдикатите.
Макрон на големиот тест
Таборот на Макрон нема апсолутно мнозинство во Парламентот и може да смета само на дел од конзервативните републиканци.
„Му реков на Макрон да издржи. Ако попушти, нема да може да спроведе реформи и тоа ќе биде крај на неговиот втор мандат“, рече републиканскиот сенатор Бруно Ретајло.
Министерот за транспорт Клемент Боун призна дека денешниот штрајк ќе биде „еден од најлошите“ за патниците. Денеска за многумина ќе биде голема мака“, рече министерот.
Владата смета дека реформата на пензискиот систем би донела дополнителни 17,7 милијарди евра пензиски придонеси годишно, а синдикатите одговараат дека има и други начини за зголемување на приходите, како што е оданочувањето на супербогатите.
Бурната расправа во Собранието за предлог-законот заврши на крајот на февруари без расправа за спорниот член 7 за зголемувањето на старосната граница за пензионирање.
Предлогот сега се разгледува во Сенатот.
Шефот на синдикатот CGT, Филип Мартинез, рече дека тие „удираат во голема брзина“.
„Топката е во теренот на Макрон. На него е да ја повлече реформата“, рече Мартинез.