Франција, Чешка и Италија позитивно одговориле на барањето на Грција за помош за гаснењето на пожарите во областа блиску до Атина, упатено преку Европскиот механизам за цивилна заштита.
Како што соопштија од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, барањето било за помош со воздушни и копнени средства, по што Франција ќе испрати хеликоптер од типот Супер Пума со кофа и се очекува да пристигне вечерва, од Италија утре наутро се очекува да пристигнат два противпожарни авиони Канадер, додека пак Чешка испраќа 75 пожарникари и 25 возила, од кои девет се цистерни.
Дополнително, се очекува и финализирање на помошта од Шпанија и Турција.
Над главниот град на Грција има чад, а сцените се апокалиптични.
Пожарникарите ги евакуираа и луѓето заробени во конвој од 20 до 25 возила зафатени од пламен додека луѓето се обидуваа да побегнат од областа.
Пожарите од саботата избувнаа на 40 локации во Грција, а пожарникарите се уште се обидуваат да ги изгаснат на седум места.
Противпожарната служба работеше во текот на ноќта, но „и покрај натчовечките напори, пожарот брзо се прошири“, изјави портпаролот Василис Ватракоџанис утринава.
Во гаснењето на пожарот се вклучени повеќе од 500 пожарникари и 150 противпожарни возила.
Тој рече дека пожарот се шири кон селото Пентели, североисточно од Атина, каде во зори беа евакуирани две болници.
Министерот за климатски кризи и цивилна заштита Василис Кикилијас предупреди на продолжување на екстремно опасните временски услови.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го прекина одморот и вчера се врати во Атина за да се справи со кризата.
За само неколку часа во неделата шумските пожари се проширија на 100 квадратни километри во Варнава.
На жителите на Варнава и Граматико им било кажано да се евакуираат во порака испратена преку државниот број за итни случаи.
На жителите на историскиот град Маратон им било кажано да се упатат кон приморскиот град Неи Макри.
Пожарникарите велат дека силниот ветер брзо го разгорел пожарот и го отежнал гаснењето.
Велат дека пожарот напредува кон езерото Маратон и дека пламените јазици во некои случаи се високи и над 25 метри.