Франција ѝ испорача борбени авиони на Украина! Зеленски му се заблагодари на Макрон за Мираж 2000: Пристигна првата група ловци! (ФОТО)

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на својот француски колега Емануел Макрон за првата серија борбени авиони Мираж 2000 испорачана во Украина. Зеленски ова го изјави преку социјалната мрежа „Х“, пренесува Укринформ.

– ,,Украинската воздухопловна флота продолжува да се развива. Првите авиони Мираж 2000 пристигнаа од Франција, придонесувајќи за нашите капацитети за противвоздушна одбрана. Му благодарам на Емануел Макрон за неговото лидерство и поддршка, францускиот претседател си стои на зборот и ние го цениме тоа. Ова е уште еден чекор во зајакнувањето на безбедноста на Украина”, нагласи Зеленски.

Според украинскиот претседател, благодарение на најновите испораки, Украина продолжува да ја проширува својата флота Ф-16, а Холандија ги исполнува своите обврски во поддршката на овие напори.

Зеленски изрази благодарност до „сите кои помагаат и придонесуваат“ за оваа цел.

Како што претходно објави „Укринформ“, во Украина пристигнаа првите француски борбени авиони „Мираж 2000“, со кои летаа украински пилоти кои поминаа повеќемесечна обука во Франција.

Да потсетиме, во ноември данската премиерка Мете Фредериксен објави дека Украина добила шест ловци Ф-16 од Данска и дека ќе добие уште 13 авиони.

Испораката на авионите Ф-16 е дел од пошироката иницијатива позната како „Коалиција за авијација“, која има за цел да ги зајакне воздушните борбени способности на Украина. Во август 2024 година, Украина ја доби првата серија од овие застарени авиони од Данска и Холандија.