Француското национално собрание го отфрли предлогот за импичмент на претседателот Макрон

Бирото на Националното собрание на Франција денес го отфрли предлогот за импичмент на претседателот Емануел Макрон, сметајќи го предлогот за „неприфатлив“, јави францускиот сервис БФМТВ.

Предлогот, поднесен од пратениците од крајно левичарската партија Непокорена Франција и неколку пратеници на Зелените, го товари Макрон дека е одговорен за тековната политичка криза во земјата.

Сепак, иницијативата не ја помина првата процедурална фаза во Бирото на Собранието, кое мора да го одобри секој обид за импичмент пред да продолжи понатаму.

Националниот координатор на Непокорена Франција, Мануел Бомпард, преку американската компанија за социјални медиуми X истакна дека членовите на левицата гласале за предлогот, додека пратениците од партијата на Макрон, Ренесанса, и конзервативните републиканци гласале против него. Пратениците од крајно десничарскиот Национален собир биле воздржани.

„Ле Пен повторно го спасува Макрон“, рече Бомпард, критикувајќи го ставот на крајните десничари.​​​​​​​

Претходно годинава, 104 опозициски пратеници побараа импичмент на Макрон, обвинувајќи го за продлабочување на политичката криза предизвикана од неговата одлука во 2024 година да го распушти Парламентот и да распише предвремени избори.

Политичкиот ќор-сокак што следуваше по предвремените избори доведе до повеќе владини кризи, при што Франција смени три премиери во изминатата година. Последниот, премиерот Себастијан Лекорну, поднесе оставка на 6 октомври поради континуирани буџетски недоразбирања и нестабилност.