– Франција не располага со официјални докази кои директно го поврзуваат Иран со нападите на Хамас против Израел, соопшти денеска француското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека Париз испратил порака до регионалните играчи да не се обидуваат да профитираат од кризата што се појавува.
Во Франција живее најголемата еврејска заедница во Европа, а илјадници Французи со двојно државјанство живеат во Израел.
Портпаролката на француското Министерство за надворешни работи, Ан-Клер Лежандре изјави дека 12 француски државјани биле убиени во нападите во саботата, додека со други 17 не може да биде воспоставен контакт и некои од нив веројатно се заробени и се наоѓаат во Газа, вклучително и деца.
„Мораме да изразиме жалење за уште една жртва, со што бројот на француските жртви на терористичките напади во Израел се искачи на 12“, рече портпаролката на прес-конференција, додавајќи дека Франција „нема вести за 17 сонародници, чие исчезнување се смета за многу вознемирувачко“.
Таа, исто така, соопшти дека француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона вечер ќе оди на аеродромот во Париз „Роаси – Шарл де Гол“ за лично да ги пречека првите француски државјани кои се вратиле од Израел.
„Во оваа фаза… немаме официјална трага за директна улога на Иран (во настаните)“, рече Лежандре, додавајќи дека сепак има јасни врски меѓу Техеран и Хамас.