Месното население ја пријавило експлозијата во ноќта меѓу петокот и саботата, во 2.40 часот.
Силна експлозија го оштети познатиот ресторан „Wok & Chicken Style“, во градот Вилријк, недалеку од Антверпен, кој е во сопственост на бизнисмен од Босна и Херцеговина.
Месното население ја пријавило експлозијата во ноќта меѓу петокот и саботата, во 2 часот и 40 минути, а портпаролот на полицијата Воутер Бруинс за инцидентот изјавил дека во моментов немаат конкретни индиции.
– Она што се претпоставува е дека непознато лице активирало експлозивна направа при што од експлозијата била оштетена влезната врата како и фасадата на зградата во која се наоѓа ресторанот. Колку била силна експлозијата доказ е видливото оштетување на автомобилите паркирани од другата страна на улицата – изјавил Бруинс за белгиските медиуми, а пренесува Независне.
Форензичарите веднаш излегоа на терен за да започнат истрага, а на терен се и припадници на федералната полиција. Целата населба веднаш била блокирана и тоа траело со часови, додека полицијата не ги запленила доказите.
– Контекстот и самите околности се уште се истражуваат. Но, постојат некои индикации дека овој напад е поврзан со сцената со дрога и тоа е моментално нашата главна линија на истрага. Најважно е што нема повредени, а итната помош беше на терен за да им помогне на жителите од околните згради, кои беа разбудени и вознемирени од експлозијата – рече тој.
Медиумите пишуваат дека ресторанот е во сопственост на бизнисмен со босанско потекло кој живее во Шилде, а кој наводно е стар познаник на полицијата и судството.