Функционираше 3 години и имаше 8 интервенции: Брод амбуланта во Охридското Езеро е реална потреба

Кон крајот на јули 2011 година беше пуштен во употреба бродот амбуланта, кој функционираше во рамки на Единицата за безбедност на вода на Општинската организација на Црвениот крст од Охрид. Бродот го опслужуваше спасувачко-медицински тим и капетан, во насока да се придонесе кон поголема безбедност на капачите и учесниците во водниот сообраќај во водите на Охридското Езеро. Основната идеја беше да овозможи брз и ефикасен транспорт на повредени до медицинските установи, како и да дава логистичка поддршка на сите манифестации што ќе се одржуваат на вода.

Бродот на Црвениот крст бесплатно во период од две години му го отстапи лице од Охрид, а локалната самоуправа тогаш најави помош од 600.000 денари за тој да биде соодветно опремен. Бродот беше брз и опремен за давање прва помош при најразлични повреди.

За потребата од ваков брод, првиот човек на охридскиот Црвен крст Сашо Точков вели дека Охрид треба да добие брод амбуланта по сите потребни стандарди и опрема и да функционира, не само во текот на летниот период, туку и преку целата година. Тоа во многу ќе ги олесни проблемите што ги имаат и Брзата помош и здравствените служби што треба да интервенираат.

– Во 2011 и 2012 година, Црвен крст Охрид имаше една иницијатива што ја реализира со дел наши стопанственици кои поседуваа таков пловен објект. Целта ни беше да укажеме колку е важно и потребно на оваа водена површина да има еден таков пловен објект – брод амбуланта со кој би се вршел пред сѐ брз транспорт на пациенти, на оние кои имаат потреба во текот на летната сезона, но и во текот на целата година за потребите на болниците што се на самиот брег, Кардиолошкиот завод, болницата „Св. Еразмо“ и болницата во Струга. Сите оние случки, несреќи, сообраќајни незгоди што се случуваат на такви терени и за кои треба по овој земјен пат, на пример од Св. Наум да се стигне за 45 минути до болницата во Охрид или Кардиолошки, со бродот амбуланта ќе може истото многу побрзо да се реализира. Тоа беше на некој начин една показна можност тогаш да видат луѓето од државните и локалните институции колку е важно постоењето на еден ваков брод. За жал, 3 години го работевме тој брод, имавме вкупно 8 интервенции на капалиштата во летната сезона, не за транспорт на пациенти, туку на повредени кои имаа потреба на самите капалишта. И еден случај да сме имале, оправданоста е многу важна. Лобираме и во текот на овој период од 2012 година до денес, затоа што тогаш немаше слух од институциите, ние од свои средства, дел од спонзори дававме пари за гориво за бродот да патролира. Истиот беше вклучен и на повеќето настани (маратони, регати), но потоа симболично го извадивме и го оставивме на брегот како еден потсетник и како доказ дека нема заинтересирани, или дека свеста не е толку висока за институциите да набават таков брод, вели за Супер радио и OhridPress Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид.

Тој потенцира дека не се откажале од идејата и дека работат на реализација на истата и понатаму. Открива дека во 2024 година аплицирале на ИПА 3 програмата од ЕУ на проект за набавка на нов брод амбуланта.

– Ги очекуваме резултатите во текот на летото или есента. Се надевам дека ќе се позитивни, дека апликацијата ќе успее и конечно Охрид ќе добие брод амбуланта по сите оние стандарди и опрема и дека ќе функционира, не само во летниот период, туку и во текот на целата година. Тоа во многу ќе ги олесни проблемите што ги имаат и Брзата помош и здравствените служби што треба да интервенираат на такви пациенти. Стариот пловен објект е од приватно лице што тогаш ни го даде без никаков надомест за ние да го уредиме соодветно. Но, тоа е скапо за одржување, не се исплаќаше во тој период, Црвен крст не е организација која може да финансира еден таков брод. Целта е градот да се грижи за безбедноста на сите оние кои го посетуваат. Имав разговор и со сегашниот градоначалник, д-р Кирил Пецаков и најава дека во програмата е ставен таков пловен објект. Истото треба да се реализира преку некое од министерствата, и се размислува во таа насока. Се надевам дека ако не успее ова со ЕУ, ќе успееме преку локалната самоуправа. Како и да е, улогата на локалната е секако да дава средства за одржување на тој брод, кога би бил тука. Секако, во иднина би се нашол начин како да се стопанисува со тој брод, додава Точков.

На Охрид му е неопходен еден ваков пловен објект, а со сличен апел редовно излегуваат и охридските пожарникари, за потребата од брод за санирање на пожари во тешко достапни делови на крајбрежјето, до кои може да се стигне само од вода. Потребата од мобилни екипи кои ќе можат да интервенираат за кусо време и на најдалечните места од Охридското Езеро е повеќе од очигледна, особено во летниот период. Светските стандарди налагаат за 12 до 15 минути да се стигне до пациентот, што е реално доколку се работи за потреба во централното градско подрачје, но доколку инцидентот е случен подалеку, а особено во потешко достапни места, значително се зголемува времето на реакција.