Халанд е прогласен за играч на сезоната во Премиер лигата

ЕРЛИНГ ХААЛАНД е прогласен за играч на сезоната во англиската Премиер лига. Неверојатниот норвешки напаѓач го предводеше Манчестер Сити до шампионската титула во својата прва сезона, постигнувајќи 36 гола и додавајќи осум асистенции. Шанса да го подобри тој учинок ќе има во последното коло против Брентфорд.

Халанд оваа сезона собори голем број рекорди во Англија и светот, но дефинитивно вреди да се напомене дека стана играчот со најмногу голови во една сезона во Премиер лигата. Досега тој рекорд со 34 гола го имаа Енди Кол и Алан Ширер, со тоа што тоа го направија кога сезоната имаше 42 натпревари, за разлика од денешните 38.