Хамас бара гаранции дека новиот предлог на САД за прекин на огнот во Газа ќе доведе до крај на војната, изјави за Ројтерс извор близок до палестинската група.
Израелските власти изјавија дека изгледите за прекин на огнот и договор за размена на заложници се големи, речиси 21 месец по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас.
Напорите за постигнување прекин на огнот во Газа добија на интензитет откако САД обезбедија прекин на огнот со кој заврши 12-дневниот воздушен застој меѓу Израел и Иран.
Во вторник, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Израел ги прифатил условите потребни за финализирање на 60-дневниот прекин на огнот со Хамас, во текот на кој страните ќе работат на завршување на војната. Хамас бара јасни гаранции дека прекинот на огнот на крајот ќе доведе до завршување на војната, изјави извор близок до групата.
Двајца израелски претставници изјавија дека деталите сè уште се разработуваат. Завршувањето на војната беше голема пречка во постојаните рунди неуспешни преговори.
Друг извор запознаен со ситуацијата изјави дека Израел очекува одговор од Хамас до петок и дека, доколку тој биде позитивен, израелската делегација ќе учествува во индиректни преговори за да го потврди договорот.
Не беше јасно дали тие ќе се одржат во Египет или во Катар, двете земји кои посредуваат во разговорите.
Предлогот вклучува постепено ослободување на 10 живи израелски заложници и враќање на телата на уште 18 во замена за палестински затвореници во израелските затвори, велат изворите. Од преостанатите 50 заложници во Газа, се верува дека 20 се уште се живи.
Висок израелски функционер близок до премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека подготовките за одобрување на договорот за прекин на огнот веќе се во тек, дури и кога премиерот се подготвува да се сретне со Трамп во Вашингтон во понеделник.
Израелскиот министер за енергетика, Ели Коен, кој е член на безбедносниот кабинет на Нетанјаху, за порталот Ynet изјави дека постои „дефинитивна подготвеност да се продолжи со договорот“.