Хамас постави услови за прифаќање на прекинот на огнот

Хамас бара гаранции дека новиот предлог на САД за прекин на огнот во Газа ќе доведе до крај на војната, изјави за Ројтерс извор близок до палестинската група.

Израелските власти изјавија дека шансите за постигнување договор за прекин на огнот и размена на заложници се големи, речиси 21 месец по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас.

Напорите за постигнување прекин на огнот во Газа добија на интензитет откако САД обезбедија прекин на огнот со кој заврши 12-дневниот воздушен конфликт меѓу Израел и Иран.

Во вторник, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Израел се согласил со потребните услови за финализирање на 60-дневниот прекин на огнот со Хамас, во текот на кој страните ќе работат на завршување на војната. Хамас бара јасни гаранции дека прекинот на огнот на крајот ќе доведе до завршување на војната, изјави извор близок до групата.

Двајца израелски претставници рекоа дека тие детали сè уште се разработуваат. Завршувањето на војната е главната пречка во повторените рунди неуспешни преговори.

Друг извор запознаен со ситуацијата изјави дека Израел очекува одговор од Хамас до петок, а доколку одговорот е позитивен, израелската делегација ќе учествува во индиректни преговори за да го потврди договорот.

Не беше јасно дали состаноците ќе се одржат во Египет или во Катар, двете земји кои посредуваат во разговорите.

Предлогот вклучува постепено ослободување на 10 живи израелски заложници и враќање на телата на уште 18 во замена за палестински затвореници во израелските затвори, според изворите. Од 50-те заложници што остануваат во Газа, се верува дека 20 се уште се живи.

Висок израелски функционер близок до премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека подготовките за одобрување на договорот за прекин на огнот веќе се во тек, дури и додека премиерот се подготвува за средба со Трамп во Вашингтон во понеделник.

Израелскиот министер за енергетика, Ели Коен, член на кабинетот за безбедност на Нетанјаху, изјави за новинската агенција Ynet дека постои „целосна подготвеност за продолжување со договорот“.