– Палестинската група Хамас денес соопшти дека ќе продолжи со преговорите преку посредници до постигнување траен прекин на огнот во Појасот Газа.
Хамас соопшти дека ја покажува „потребната флексибилност со цел да се постигне целосно запирање на израелската агресија на Појасот Газа“.
Меѓутоа, Хамас рече дека Израел ги избегнува обврските од договорот за постојан прекин на огнот, повлекување на израелските трупи од Појасот Газа, враќање на раселените жители на Газа во нивните домови на север, како и одредбите за потребите на народот.
„Движењето (Хамас) ќе продолжи да преговара преку нашите братски посредници за да се постигне договор што ги исполнува барањата и интересите на нашиот народ“, се додава во соопштението.
Хамас ги даде овие изјави по медиумските извештаи дека преговорите во Каиро завршиле без пробив.
Египетската државна телевизија „Ал Кахера Њуз“ синоќа цитираше добро поставен египетски извор кој рече дека индиректните разговори меѓу Хамас и Израел за договор за прекин на огнот во Газа сè уште се во тек, но се соочуваат со „тешкотии“.
„Разговорите за да се постигне примирје во Газа пред постот Рамазан сè уште се во тек“, рече египетскиот извор, додавајќи дека дополнителни разговори треба да се одржат денес.
Рамазан, најсветиот месец во исламскиот календар, треба да започне следната недела.
Во египетскиот главен град Каиро во неделата започна нов круг разговори за примирје во Газа со учество на делегати од Египет, Катар, САД и Хамас.
Според израелските медиуми, посредниците се обидуваат да ги премостат разликите меѓу Израел и Хамас за деталите за израелското повлекување од Газа, како и за ослободување на затворениците од двете страни.
Се верува дека Хамас држи над 130 израелски заложници од нападот на 7 октомври.
Израел започна смртоносна офанзива на Појасот Газа по прекуграничниот упад на Хамас на 7 октомври. Во израелското бомбардирање што следуваше загинаа повеќе од 30.600 луѓе, а повредени се 72.000.
Според Обединетите нации, израелската војна во Газа принуди 85 отсто од населението внатрешно да се расели, предизвика постојан недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да се гарантира влез на хуманитарната помош за цивилите во Газа.