Хамас соопшти дека е подготвен за прекин на огнот, само доколку тоа води до целосен крај на војната во Газа

Милитантната исламистичка група Хамас денеска соопшти дека е подготвена за договор за прекин на огнот со Израел, но дека не го прифаќа предлогот поддржан од САД, и инсистира на својот став дека секој договор мора да води до целосен прекин на војната во Газа.

Официјалниот претставник на Хамас, Тахер ал-Нуну, изјави дека милитантната група е „подготвена и сериозна во однос на постигнување договор“, односно дека „(Хамас) е подготвен да прифати секоја иницијатива што јасно води кон целосен прекин на војната“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера изјави дека Израел се согласил на услови за примирје во Газа од 60 дена и го повика Хамас да го прифати договорот, пред условите да се влошат. Трамп рече дека во текот на тие 60 дена ќе се работи на завршување на војната, и оти договорот би можел да се реализира и следната недела, додека Израел тврди дека тоа нема да го прифати додека Хамас не биде разоружан и целосно поразен.

Официјалните претставници на Хамас денеска треба да се состанат со египетски и катарски посредници во Каиро, тврдат локалните власти. Во текот на речиси 21-месечната војна, преговорите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас постојано пропаѓаа. Хамас соопшти дека е подготвен да ги ослободи преостанатите 50 заложници, во замена за целосно израелско повлекување од Газа и крај на војната.

Со договорот за примирје од 60 дена дел од израелската војска би се повлекла од Појасот Газа, со овозможување хуманитарна помош да стигне до жителите на тоа подрачје.