Две лица се убиени и неколкумина се повредени откако израелската војска отворила оган кон група Палестинци кои патувале кон северот на Појасот Газа, соопшти Хамас, пренесува ДПА. Израелската војска забрани движење кон север.
Очевидци изјавија дека војската употребила солзавец. Портпаролот на израелската војска истакна дека се истражуваат тврдењата на Хамас.
Портпаролот на израелската војска денеска објави соопштение на арапски јазик, во кое се посочува дека под никакви околности нема да им биде дозволено на луѓето да патуваат од југ кон север. „Ве повикуваме да не се приближувате до силите или областите северно од Вади Газа“, се вели во соопштението.
Тој ги повика луѓето да го искористат прекинот на огнот, кој ќе трае најмалку четири дена, за да складираат основни резерви. Северниот дел на Појасот Газа е борбена зона и таму е забрането да се престојува.
Според сведочењата на очевидци, стотици луѓе тргнале кон север по прекинот на огнот за да ги проверуваат своите домови или да се обидат да пронајдат роднини, наведува ДПА.