Ветровите повторно зајакнаа во Јужна Калифорнија денеска и избувнаа уште најмалку два шумски пожари бидејќи пожарникарите останаа на готовност поради екстремни временски услови, две недели откако разорните шумски пожари сè уште горат во областа на Лос Анџелес.
Налетите на ветрот би можеле да достигнат брзина од 113 километри на час долж брегот и 160 километри на час на планините. Брзината на ветрот се движеше од 56 километри на час долж брегот до 101 километар на час во планините во текот на ноќта, според извештаите на Националната метеоролошка служба.
Метеоролошката служба издаде посебно предупредување за опасност за делови од окрузите Лос Анџелес, Вентура и Сан Диего од понеделник попладне до утрово поради малата влажност и ветровите во Санта Ана.
„Условите се зрели за ширење на експлозивен оган доколку избие нов“, рече Ендрју Роарк, метеоролог од метеоролошката служба во Окснард. Најмалку два мали пожари избувнаа во округот Сан Диего.
Поради пожарот кој гореше на околу 20 хектари беа издадени наредби за евакуација.
„Околните структури се загрозени“, соопшти Одделот за шумарство и противпожарна заштита во Калифорнија.”
Властите ги повикаа жителите да ги разгледаат своите планови за евакуација и да подготват комплети за итни случаи.
Во понеделникот, противпожарните екипи во Лос Анџелес брзо изгаснаа мал пожар. Еден човек осомничен дека го поставил е приведен, изјави портпаролот на полицијата во Лос Анџелес.
Пожарникарите брзо го изгаснаа и пожарот долж автопатот 405 во населбата Гранада Хилс во Лос Анџелес.
Противпожарните екипи се бореа и со пожарот што избувна во понеделникот попладне во Павеј, округот Сан Диего и го запре неговиот напредок.
Претседателот Трамп, кој го критикуваше одговорот на шумските пожари за време на неговото инаугуративно обраќање, рече дека ќе отпатува во Лос Анџелес во петок.
Гувернерот Гевин Њусом рече дека пустошот што го оставија пожарите ја нагласува потребата од партнерство меѓу државните и федералните влади. Градоначалничката на Лос Анџелес Карен Бас рече дека градот е подготвен за можни нови пожари.