Европската комисија (ЕК) во средата одмрзна 10,2 милијарди евра од кохезионите фондови за Унгарија, откако оцени дека Будимпешта презела мерки за решавање на прашањето за независноста на судството.
По темелна анализа, Комисијата смета дека Унгарија ги презела мерките на кои се обврзала во однос на независноста на судството. Тоа значи дека финансирањето во делот на кохезионата политика повеќе не е блокирано и затоа Унгарија би можела да почне да бара исплата од околу 10,2 милијарди евра – соопшти извршното тело на ЕУ.
Сè уште се замрзнати 6,3 милијарди евра од кохезиониот фонд поради прекршување на владеењето на правото во областа на јавните набавки, обвинителството, судирот на интереси, борбата против корупцијата и фондацијата.
Средствата од Механизмот за опоравување и отпорност од околу 10,4 милијарди евра остануваат недостапни за Унгарија, од кои дел се грантови, а дел поволни заеми. Овие средства се исплаќаат во фази како што се исполнуваат реформите наведени во националните планови за закрепнување и отпорност.
Дури четири политички групи во Европскиот парламент испратија писмо до шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во кое ја изразуваат својата загриженост за потегот кон Унгарија.
Многумина веднаш забележаа дека ова изгледа како желба да му се допадне на унгарскиот премиер Виктор Орбан , кој упорно ги блокира сите значајни одлуки на ЕУ во врска со Украина, вклучително и новиот голем пакет помош за Киев (за цела следната година) и евентуалното започнување на постапка со која Украина би ги започнала пристапните преговори.со Унијата.
Најстрог беше германскиот претставник од контингентот на зелените, Даниел Фројнд:
– Урсула фон дер Лајен штотуку ја направи најголемата грешка во својот мандат. Не се спроведени потребните реформи, а тајмингот на објавувањето навестува дека не се работи за реформи во судството. Наместо тоа, 10 милијарди евра беа наменети за отстранување на ветото на Орбан. Немаше обврска тоа да се направи во моментов. Урсула сега го плаќа најголемиот поткуп во историјата на ЕУ на пријателот на Путин, Виктор Орбан. Европската комисија денеска покажува дека тактиката на уцена на Виктор Орбан се исплатела.
Финскиот европратеник Петри Сарвамаа го нарече овој потег на Европската комисија „катастрофална одлука“.
– Како може Комисијата да оцени нешто што допрва ќе се случи? Бидејќи членовите на националниот судски совет не се ни назначени, не постои начин да се знае неговото влијание врз состојбата на владеењето на правото во Унгарија . Навистина изгледа дека уцената на Орбан успеа. Одбивам да верувам дека ужасниот тајминг на оваа одлука беше само случајност, особено ако знаеме како Орбан има намера да ги држи во заложништво другите 26 земји-членки на Европскиот совет подоцна оваа недела – заклучи тој.