Амбасадите на Соединетите Американски Држави (САД) и Украина во Белград немаат сознанија дека Србија му продава оружје на официјален Киев, објави претходниот ден Радио Слободна Европа (РСЕ) откако медиумската агенција Reuters, повикувајќи се на објавените хакирани документи на Пентагон, објави дека Србија се согласила да испрати оружје во Украина или дека веќе испратила.
Reuters во средата објави дека Србија, иако e единствената земја во Европа која одби да се приклучи на санкциите против Русија за нејзината инвазија на Украина, се согласила да достави оружје во Киев или веќе истото го испратила.
Медиумската агенција објави дека станува збор за доверлив документ на Пентагон во кој се сумирани одговорите на европските Влади на барањата на Украина за воена обука, помош и оружје, и дека овој документ е меѓу десетиците доверливи материјали објавени на социјалните мрежи претходниот месец во она што се смета за најголемото објавување на американски тајни во последниве години.
Исто така, Reuters тврди дека не може самостојно да ја потврди автентичноста на документот.
„Не можеме да коментираме за наводни доверливи информации, но според нашите сознанија Србија не и продава оружје на Украина“, изјавиле за РСЕ од Амбасадата на САД во Белград.
Сличен одговор доставиле и од Амбасадата на Украина, со напомена дека нивните наоди се засноваат на јавни изјави на официјални претставници на Србија.
Испораката и продажбата на оружје и муниција на Украина во средата категорично ја негираа српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ и првиот човек на дипломатијата Ивица Дачиќ, отфрлајќи ги како неточни тврдењата од објавените документи на Пентагон.
Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ ги нарече како лага информациите дека Србија и испраќа оружје на Украина и оцени дека целта на ваквите тврдења е да се дестабилизира Србија и да се вовлече во конфликт кој не го сакаат граѓаните.
„Србија не продава, ниту ќе продава оружје на украинската или руската страна или на земјите што го опкружуваат тој конфликт“, изјави Министерот во средата за рускиот веб-портал Sputnik, а неговите пораки се речиси идентични во изјавата испратена подоцна до медиумите од Министерството за одбрана на Србија.
Вицепремиерот и прв човек на дипломатијата Ивица Дачиќ на веб-страницата на Министерството за надворешни работи објави демант во кој се тврди дека Србија не извезува оружје во ниту една земја доколку тоа би го загрозило регионалниот мир и мирот на Србија.
„Србија, почитувајќи ги внатрешните и меѓународните правни акти, не извезува оружје и воена опрема во ниту една земја доколку тоа овозможи избивање или продолжување на вооружени конфликти, загрозување или зачувувањето на регионалниот мир и безбедност како и загрозување на нејзините одбранбени интереси“, изјавил Ивица Дачиќ.
„Србија се придржува до својата политика на воена неутралност“, додава тој, тврдејќи дека од почетокот на руската инвазија на Украина, од Србија не било извезено оружје на ниту една од страните во конфликтот.
Изјавата на Ивица Дачиќ на насловната страница на својата веб-страница на англиски ја објави и руската државна агенција ТАСС, повикувајќи се и на изјавите на Министерот за одбрана Милош Вучевиќ.
Претседателот на Србија, Алекснадар Вучиќ, на почетокот на март, реагирајќи на медиумските извештаи дека оружје од Србија и било доставено на Украина, категорично изјави дека – „ниту едно парче српско оружје, орудија или муниција не е продадено на Русија или Украина“.