Турските власти го уапсија Екрем Имамоглу, градоначалник на Истанбул и клучен политички ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Светските медиуми јавуваат дека Си-Ен-Ен Турк и Сабах њуз, покрај Имамоглу, уапсиле околу сто лица, меѓу кои и политичари, новинари и бизнисмени.
Налогот за апсење на градоначалникот на Истанбул беше издаден само неколку дена пред внатрепартиските избори во главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП), на кои се очекуваше Имамоглу да биде избран за кандидат на ЦХП на претседателските избори во Турција.
Си-Ен-Ен Турк објави снимка од полицијата во опрема за немири и десетици возила на безбедносните сили пред куќата на Имамоглу.
– Со жалење можам да кажам дека неколку луѓе кои се обидуваат да ја украдат волјата на народот ги испратија нашите драги полицајци и безбедносни сили, вмешајќи ги во нивните погрешни постапки. Стотици полицајци беа испратени пред вратата на мојата куќа, куќата на 16 милиони луѓе во Истанбул“, напиша утрово Имамоглу во објава на социјалната мрежа Х.
Апсењето на градоначалникот, кој е на чело на најголемиот турски град од 2019 година, дојде откако Универзитетот во Истанбул вчера објави дека ја поништува дипломата доделена на Имамоглу поради неправилности, нанесувајќи и’ удар на опозицијата, која планираше да го номинира за кандидат на претстојните претседателски избори во Турција.
Според турскиот закон, кандидатот за претседател мора да има високо образование.
Си-Ен-Ен јавува дека следните претседателски избори во Турција се закажани за 2028 година, но дека постои голема можност за предвремено гласање.
Имамоглу рече дека одлуката на универзитетот е незаконска и надвор од јурисдикција на таа институција и најави дека ќе се бори против одлуката преку легални средства.
– Одлуката на Управниот одбор на Универзитетот во Истанбул е НЕЛЕГАЛНА. Се ближат деновите кога оние кои ја донесоа оваа одлука ќе одговараат пред историјата и лицето на правдата, рече Имамоглу еден ден пред апсењето.
„Кориере дела сера“ пишува дека турските медиуми пишуваат дека политичкиот хаос околу одземањето на дипломата на Имамоглу настанал кога истрагата открила дека Имамоглу првпат дипломирал на Американскиот универзитет Гирне на Северен Кипар, територија што не е меѓународно призната, што му овозможило да се запише на студии на Универзитетот во Истанбул во 1990 година.