Хаос на аеродромите: Еве кој стои зад најголемата сајбер катастрофа во Европа!

Британската полиција уапси 40-годишен маж осомничен дека стои зад големиот сајбер напад што предизвика прекин на работата на десетици европски аеродроми. Операцијата беше спроведена во Западен Сасекс, а осомничениот во моментов е под истрага за сериозно кршење на Законот за злоупотреба на компјутери.

Според британската Национална агенција за борба против криминалот, истрагата е сè уште во рана фаза. Иако уапсениот маж е ослободен со кауција, властите не ја исклучуваат можноста дека зад нападот стои поширока мрежа на хакери, потенцијално поврзани со меѓународни криминални групи.

Ransomware ги заклучи клучните системи

Нападот беше извршен преку ransoware , малициозен софтвер кој ги заклучува податоците и бара откуп за да ги отклучи. Целта на нападот беше компанијата Collins Aerospace , чиј софтвер го користат бројни аеродроми во Европа за пријавување на патници и багаж.

Поради компромитирани системи, персоналот на аеродромот беше принуден да се префрли на рачен режим. Наместо автоматско пријавување и дигитална обработка на податоци, вработените користеа хартиени формулари, резервни лаптопи и рачно ги внесуваа информациите за патниците и багажот.

Нарушувања на аеродромот Хитроу, Берлин и Брисел

Дополнителна работна сила е распоредена на лондонскиот аеродром Хитроу за ублажување на последиците од прекинот на системот. И покрај напорите, беа регистрирани доцнења на летовите и подолги чекања на шалтерите за пријавување.

Слична ситуација владее и на аеродромите во Берлин и Брисел, каде што процесот на регистрација се извршува рачно со денови. Долгите редици, фрустрираните патници и неизвесноста станаа секојдневна слика, а авиокомпаниите се борат да одржат минимален ред во хаосот.

Тежок удар за „Колинс Аероспејс“

„Колинс Аероспејс“, компанија во сопственост на американската корпорација RTX , моментално е во процес на обновување на своите системи. Претставници на компанијата изјавија дека соработуваат со безбедносни служби и експерти за сајбер безбедност за да спречат понатамошни штети.

Иако точната штета сè уште се проценува, јасно е дека последиците од овој напад ќе бидат долгорочни. Губењето на довербата на клиентите, падот на ефикасноста и потребата од целосни технички ревизии дополнително ја оптоваруваат и компанијата и аеродромите што зависат од нејзиниот софтвер .

Авиоиндустријата е под сè почести напади

Инцидентот уште еднаш покажа колку е ранлива модерната воздухопловна индустрија на сајбер закани . Според податоците од компанијата Талес, бројот на напади врз оваа гранка на индустријата се зголемил за дури 600 проценти во последната година.

Криминалните групи кои користат стратегии за рансомвер остваруваат огромни профити, честопати надминувајќи стотици милиони евра годишно. Авијацијата, со својата зависност од дигитални системи, станува сè попривлечна цел за хакерите ширум светот.