Хаос на состанокот на ОБСЕ во Малта поради Лавров! Се закани со „топла фаза“ од војната, министрите ја напуштија салата, кога Блинкен зеде збор Русинот го направи ова (ФОТО)

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска го критикуваше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, обвинувајќи го за „цунами на дезинформации“, а Москва за ескалација во Украина.

На состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Блинкен рече дека и му е жал што Лавров ја напуштил салата по неговиот говор.

Жалам што нашиот колега, господинот Лавров, ја напушти просторијата, не покажувајќи учтивост да не слуша како што го слушавме ние него, рече Блинкен на средбата во Малта.

Тој додаде дека Сергеј Лавров е многу вешт да ги преплави слушателите со „цунами од дезинформации“.

Шефот на руската дипломатија претходно го обвини Западот за оркестрирање на „нова студена војна“ која, како што оцени, се заканува да премине во „топла фаза“.

Сергеј Лавров денеска е во Малта, во прва посета на земја од Европската унија (ЕУ) од почетокот на војната во Украина во 2022 година.

Кога тој почна да зборува, неколку делегации ја напуштија просторијата, предводени од шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски, а потоа и министрите за надворешни работи на балтичките земји.

Рускиот министер за надворешни работи, кој е под санкции на ЕУ, не ја посети Унијата од посетата на Стокхолм во декември 2021 година, исто така на состанок на ОБСЕ.