Американските разузнавачки агенции веруваат дека милитантите на Хезболах можат да извршат напади внатре во Соединетите Американски Држави (САД) или да ги таргетираат американските дипломати во странство, пишува угледниот Politico, повикувајќи се на неименувани претставници запознаени со разузнавањето.
Официјални лица веруваат дека првата цел на Хезболах, милитантната група поддржана од Иран, најверојатно ќе биде американски персонал на Блискиот Исток.
„Американските разузнавачки агенции собираат информации за Хезболах кои сугерираат дека постои можност за напад на американски војници или дипломатски персонал во странство. Можноста за напад на американска територија исто така се зголемува како што ескалираат тензиите во регионот“, пишува Politico.
Сепак, официјалните лица одбија да дадат детали за специфичните видови напади што Хезболах може да ги изврши. Според нив, Хезболах има експанзивна меѓународна мрежа што ќе и овозможи на групата да ги користи своите оперативци за да изврши напад во САД.
Во меѓувреме, разузнавачките агенции велат дека другите групи во регионот немаат такви способности.
Politico посочува дека напад во САД или напад врз американски војници и дипломати во странство ќе биде удар за администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден.
Весникот пишува дека тоа исто така ќе го „врати“ Вашингтон на Блискиот Исток, каде беснее војната меѓу Израел и Хамас додека се обидува да ги фокусира своите ресурси за национална безбедност на спротивставување на Кина и Русија.