Три лица, меѓу кои двајца ученици, се тешко повредени во напад во приватно училиште во Велика Британија, објавија денес тамошните медиуми.
Полицијата денес околу 13 часот по локално време добила пријава за сериозен напад во училиште во Девон. 16-годишно момче од Тивертон е уапсено поради сомнение дека нанел тешки телесни повреди. Моментално е во полициски притвор, потврдила полицијата, објави Sky news.
Началникот Ентони Харт, командант на локалната полиција, за британските медиуми изјавил: „Ова е многу трауматичен инцидент за инволвираните и за пошироката училишна заедница и ќе продолжиме тесно да соработуваме со училиштето, давајќи им поддршка на инволвираните“.
„Во овој момент се подразбира дека сите вклучени страни се поврзани со училиштето. Сакам да ја уверам заедницата дека нема поширок ризик и не бараме никој друг во врска со ова прашање. Во текот на денот ќе продолжиме да пребаруваме и да правиме увиди во близина на училиштето бидејќи сме во рана фаза на истрагата“, објаснил началникот.