Четири деца мигранти се удавија денеска во близина на грчкиот остров Лезбос, додека една жена се удави во близина на островот Самос, соопшти грчката влада.
Како што изјавила, сите пет лица се удавиле додека се обидувале да го преминат морето од блиската Турција, пренесува Ројтерс.
Грчката крајбрежна стража утрово спаси 23 лица во турските води, но четворица од нив загинаа, изјави портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис.
Починале осумгодишно момче и три девојчиња на возраст од 8, 11 и 14 месеци, јавува Ројтерс.
Ниту Маринакис, ниту грчката крајбрежна стража не објавија други детали за инцидентот.
Во одделен инцидент, една жена и дете беа пронајдени во несвест во текот на ноќта кај островот Самос, а жената подоцна почина, додаде Маринакис.
Грција е една од главните влезни точки за мигрантите и бегалците од Блискиот Исток, Африка и Азија, кои се обидуваат да стигнат до Европа.
Според Агенцијата на Обединетите нации за бегалци годинава во Грција пристигнале повеќе од 15.600 мигранти, а речиси 12.000 пристигнале преку море.
Стотици мигранти се удавија во јуни во меѓународните води во близина на Грција, откако рибарскиот брод со кој патуваа се преврте на пат кон Италија од Либија.