Водата почна да продира во бродот со околу 400 луѓе, кој неконтролирано плови меѓу Малта и Либија, извести денеска службата за поддршка „Аларм телефон“.
Службата на Твитер соопшти дека добила повик за помош од бродот, кој синоќа тргнал од Тобрук, Либија, и дека властите се известени.
Како што пренесува Ројтерс, бродот останал без гориво, а под палубата е преполно со вода, додека капетанот го нема и никој не може да управува со бродот.
Луѓето на бродот почнале да ги фаќа паника, а некои од нив добиле и медицинска помош, пренесува Ројтерс.
„Аларм телефон“ посочува дека бродот го пребарува Спасувачката служба на Малта.
Германската невладина организација Sea-Watch International на Твитер напиша дека денес бара бродови во Медитеранот на кои им е потребна помош, вклучително и брод кој плови надвор од контрола. Друга германска невладина организација денеска објави дека најмалку 23 мигранти се удавиле во Средоземното Море кога доживеале бродолом. Тие додадоа дека за време на спасувачката акција во морето пронашле 25 лица. Сепак, Спасувачката служба на Малта додаде дека на нивниот екипаж му било кажано дека околу 20 се удавиле.