Телата на седум лица, меѓу кои две исчезнати тинејџерки и осуден сексуален престапник, биле пронајдени во понеделникот попладне на имот во близина на малиот град Хенриета, Оклахома, САД, соопштил шерифот на тамошната полиција.
Телата, за кои се верува дека се 14-годишната Ајви Вебстер и 16-годишната Британи Бруер, биле пронајдени кога полицајците го пребарале имотот во кој живеел сексуалниот престапник Џеси Мекфејден, соопштил шерифот на округот Окмулџи, Еди Рајс на прес-конференција со новинарите.
„Останатите тела најверојатно се телата на Џеси Мекфејден и членовите на неговото семејство“, изјавил Еди Рајс, истакнувајќи дека ниту една од жртвите сè уште не е официјално идентификувана од страна на медицинскиот тим.
Округот претходно во понеделникот издал тревога во која се вели дека двајца тинејџери се исчезнати, но тревогата била повлечена откако биле пронајдени телата.
„Нашите срца се со семејствата и пријателите, соучениците и сите останати пријатели на жртвите“, рекол шерифот на прес-конференцијата и додал: „Ова е голема трагедија“.
Еди Рајс рекол и дека полицајците пристигнале околу 15 часот по локално време за да го пребараат имотот и ги пронашле телата.
Телевизиската станица KOTV објави дека Британи Бруер отишла да го помине викендот со семејството Мекфаден, повикувајќи се на информациите од нејзиниот татко Нејтан Бруер. Таа требало да се врати дома во недела навечер, но никогаш не се вратила…
„Британи беше страшно добра личност“, рекол нејзиниот татко и додал: „Таа всушност беше избрана да биде госпоѓица Хенриет која ќе оди на Националниот натпревар за Мис во Тулса во јули, а сега нема да успее бидејќи е мртва. Ја нема“.
На Џеси Мекфејден (39 г.) во понеделникот требало да му се суди бидејќи користел мобилен телефон додека бил во затвор за испраќање сексуални пораки на тинејџерка, објави телевизиската станица.
Регистарот на сексуални престапници во Оклахома покажува дека Џеси Ли Мекфејден (39 г.) живеел на адресата каде што се пронајдени телата, а фотографијата се совпаѓа со онаа на Мекфејден што ја користеле локалните медиуми. Тој бил осуден во 2003 година за силување во Оклахома.
Џералд Дејвидсон, портпарол на Државното истражно биро во Оклахома, рекол дека едно лице во понеделникот ѝ кажало на Работната група за насилен криминал на округот Окмулџи дека двете девојчиња можеби се на имотот на Холи Роуд во близина на Хенриета.
„Замениците на шерифот два пати го посетиле местото на настанот. Првиот пат не стапиле во контакт со никого, но при втората посета откриле докази кои ги доведоа до телата“, изјавил потпаролот.