– Два случаја на конго-кримска хеморагична треска, а две деца со заразни заушки се регистрирани во април, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.
Случаите на конго-кримска хеморагична треска се регистрирани кон крајот на април.
– Станува збор за лица од рурални средини кои имале контакт со домашни животни со крлежи. Каснување од крлеж е пријавено само кај првиот случај. Првиот случај е од село Градец, Крива Паланка. Почетокот на симптомите биле на 22 април – замор, повраќање, дијареја, крварење од носот и е хоспитализиран на Инфективната клиника на 26 април. Вториот случај е од село Арачиново, Скопје. Симптомите започнале на 24 април – треска 39C, замор, болки во мускулите, повраќање, дијареја и е хоспитализиран на Инфективна клиника на 30 април. Следењето на контактите за двата случаја е во тек. Случаите се потврдени во лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ со откриени IgM антитела со ELISA и RNA со RT-PCR, се наведува во извештајот.
Пријавени се и два случаја на заразни заушки. Еден припаѓа во возрасната група од пет до девет години, комплетно вакциниран согласно Календарот за имунизација. Другиот случај е невакцинирано дете на двегодишна возраст. Случаите се клинички потврдени, потенцираат од Институтот.
Во текот на април во Република Северна Македонија, пријавени сe вкупно 1.374 заболени лица од акутни заразни заболувања – без Ковид-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ со вкупна инциденца од 74,8 на 100.000 жители.
– Во текот на април, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 845 пријавени лица. Во однос на претходниот месец март, се регистрира зголемување на бројот на пријавени од овчи сипаници за 2,4 отсто, додека во однос на месец април 2023, се регистрира намалување за 12,6 проценти, наведуваат од ИЈЗ.
Пријавени се 14 случаи на салмонелози, осум случаи на бактериски алиментарни инфекции и интоксикации и еден случај на џардијаза.
Потоа, 34 случаи на шуга, четири случаи на бактериски менингит и по еден случај на вирусен менингит и токоплазмоза.
– Во април пријавени се четири случаи потврдени на ХИВ и два на СИДА, сите од машки пол, кои припаѓаат на возрасната група од 20 до 44 години. Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи – заклучно со 30 април, кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Република Северна Македонија, за периодот од 1987 до 2024, изнесува 657 и тоа 127 лица починале, 530 лица живеат со ХИВ/СИДА, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.
Пријавени биле вкупно девет случаи на Ковид-19 во текот на април.
Кога станува збор за болести што се регистрираат кај странски државјани, во текот на април, пристигнати биле осум пријави за заразно заболување кај оваа група. Четири пријави за ентероколити, и по две за салмонелоза и голема кашлица кај странски државјани од Косово, Белгија, Германија и од Швајцарија кои престојувале во државава.