Храна што помага во намалување на анксиозноста

Анксиозноста е многу чест проблем за многу луѓе. Станува збор за нарушување што се дефинира како чувство на непријатност, напнатост, вознемиреност, голем стрес, паника, страв и лошо претчувство. Таа често се лекува со лекови, но постојат неколку други стратегии што можете да ги користите за да ги намалите нејзините симптоми – од вежбање, преку техники на дишење, до храната што ја јадете и тоа ќе влијае на состојбата на вашиот мозок. Прочитајте кои шест намирници ќе ви помогнат да ја контролирате вашата вознемиреност.

Лосос
Лососот содржи хранливи материи одлични за здравјето на мозокот, како што се витамин Д, омега-3 масни киселини, еикозапентаеноична киселина и докозахексаеноична киселина. Тие ги регулираат нивото на допамин и серотонин во организмот, кои можат да имаат смирувачки и релаксирачки својства. Исто така, истражувањата покажуваат дека масните киселини ги намалуваат воспалителните процеси и спречуваат какви било дисфункции на мозочните клетки што доведуваат до нарушувања како што е анксиозноста. Јадењето лосос неколку пати неделно е ефикаснo во намалување на стресот и вознемиреноста.

Камилица
Камилицата содржи високо ниво на антиоксиданти кои ги намалуваат воспалителните процеси во организмот, а со тоа и вознемиреноста. Без разлика дали станува збор за чај од камилица или екстракт од камилица, таа помага да се намалат симптомите на депресија и анксиозност.

Куркума
Куркумата е зачин кој содржи куркумин што е одговорен за здравјето на мозокот и за регулирање на анксиозните нарушувања. Може да го подигне нивото на омега-3 масни киселини, што му помага на мозокот да се смири. Истражувањето било спроведено на внесување 20 милиграми куркума на ден. Исто така, таа е моќен антиоксидант и го намалува нивото на цитокини кои се поврзани со развојот на анксиозноста.

Црно чоколадо
Вклучувањето на црното чоколадо во вашата исхрана може да биде одлична алатка за намалување на анксиозноста. Содржи флаваноли – антиоксиданти кои ги подобруваат мозочните функции и протокот на крв во мозокот, а тоа доведува до намалување на анксиозноста. Истражувањата покажуваат дека кај оние кои јадат 40 грама црно чоколадо на ден во период од две недели, нивото на хормоните на стрес поврзани со анксиозноста значително се намалиле. Исто така, го зголемува нивото на невротрансмитерот серотонин, што може да помогне во намалување на стресот што доведува до анксиозност.

Јогурт
Ако страдате од вознемиреност, задолжително внесете јогурт во вашата исхрана. Тој е полн со пробиотици, здрави бактерии кои влијаат на менталното здравје со инхибиција на слободните радикали и невротоксини, кои може да го оштетат нервното ткиво во мозокот и да доведат до вознемиреност. Исто така, со редовно пиење 125 милилитри јогурт двапати на ден во текот на еден месец, вашиот мозок може подобро да ги контролира емоциите и стимулите што можат да бидат поврзани со анксиозноста.

Зелен чај
Зелениот чај содржи аминокиселина која позитивно влијае на здравјето на мозокот и ја намалува анксиозноста. Покрај тоа, содржи антиоксиданти кои го подобруваат здравјето на мозокот.