Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман соопшти дека се проверуваат информациите дека е убиен хрватски државјанин во Газа.
– Сите Хрвати кои побарале евакуација или репатријација се згрижени – рече министерот и додаде дека тие се префрлени во Каиро.
Хрватските медиуми, пак, наведуваат дека најмалку 25 лица со хрватски пасоши останале во Газа бидејќи не биле на списокот за евакуација.
Телевизија „Дневник Нова“ од дипломатски извори дознава дека се проверуваат информациите дека во Газа се убиени голем број хрватски државјани . ,,Нова” наведува дека според нивни извори при напад на северот на Појасот Газа е убиен маж со хрватски пасош.
Според хрватските медиуми комуникацијата со Газа е многу тешка.
– Многу сложена операција во која учествуваа египетските државни власти од една страна, а израелските државни органи и неколку меѓународни организации од друга. Катар одигра многу голема улога – изјави хрватскиот амбасадор во Египет Томислав Бошњак.
,,Вечерњи лист”, пак, наведува дека е убиен еден хрватски државјанин.
Информацијата наводно дошла од еден од хрватските државјани кои биле евакуирани од Газа во Египет.
– Евакуираната хрватска државјанка рече дека ја познава повредената жена и додаде дека починале и нејзиниот сопруг и неговото семејство. Жената од почетокот на конфликтот не ги контактирала хрватските власти за помош, ниту побарала да биде евакуирана од Газа, а дури сега за неа дознала евакуираната Хрватка. Официјална потврда за страдањето на хрватски државјанин во Појасот Газа во моментов тешко се добива поради хаотичната ситуација што владее таму – вели ,,Вечерњи лист”.