– Околу 40 минути по полноќ избувна пожар во дворот на компанијата за преработка на пластика „Драва Интернационал“ во осиечкото предградие Бријест, во кој сè уште горат пластична маса и амбалажа, а при гаснењето се повредени двајца пожарникари.
Силниот ветер во текот на ноќта им оневозможи на пожарникарите од Осиек и округот успешно да го локализираат пожарот во фабриката за преработка на пластика во предградието на Осиек. Ова е трет пожар во оваа фабрика во изминатите десет години, но претходните два беа успешно санирани кога избувнаа, потврдија началниците на пожарникарите и локалните власти.
Пожарот сѐ уште гори, а не се очекува да биде изгаснат пред вечерта и покрај големите противпожарни сили. Силниот ветер го носи отровниот чад на југ, така што веќе пристигна до границата со соседна Босна и Херцеговина, но засега воздухот и водата за пиење во градот Осиек се безбедни, изјави градоначалникот на Осиек, Иван Радиќ.
Горат складираната и мелената пластика, кои се сместени во погонот на компанијата „Драва Интернационал“ каде што се спроведени сите пропишани мерки за противпожарна заштита, изјави главниот противпожарен командант на Република Хрватска, Славко Туцаковиќ.
Во болницата во Осиек се згрижени двајцата пожарникари што полесно се повредени, како и сите пожарникари што синоќа во прва смена го изгаснаа пожарот за да се констатира можно труење од отровни материи содржани во чадот, а тоа сѐ уште не е утврдено, додаде Туцаковиќ.
„Пожарот е сѐ уште активен и сигурно ќе биде активен во текот на денешниот ден“, изјави Туцаковиќ.
Тој додаде дека се очекува наскоро од Загреб да биде испорачана специјална хемиска супстанција што ќе помогне да се изгасне запалената пластика што гори на температура од над 850 Целзиусови степени. Во текот на целиот ден ќе биде потребна контрола на почвата, водата и воздухот, особено во правец на ветерот. Поради малите честички што лебдат високо во атмосферата, се откажа одлуката за користење на воздухопловните сили за помош при гаснењето на пожарот. Пожарникарите успешно ги отстранија киселините, алкалите и горивата од соседните магацини за да се избегне нивно палење.
„Досега не е забележан ваков пожар, а на локацијата се активни 82 цистерни со вода. Има и течна пластика што ги полнеше каналите, но со брзо дејство се затворени протоците кон пречистителната станица и одводните канали кон градот“, рече Туцаковиќ.
Жупанот на Осиечко-барањската жупанија, Иван Анушиќ, им порача на граѓаните да останат во своите домови и да ги затворат вратите и прозорците. Анушиќ ги повика надлежните органи да ги истражат околностите на пожарот, посочувајќи дека „во овој објект без никаква контрола се депонирани милиони тони пластика, затрупана и измешана со земја, што го предизвика пожарот синоќа“.
„Ова е ситуација на опасна закана не само за жителите што живеат во близина туку и пошироко. Ќе бидат потребни години за да се санираат последиците од овој пожар, со огромни ресурси, а трошоците треба да ги сносат сопственикот на оваа зграда и службите што не реагирале навреме“, рече Анушиќ.
Градоначалникот на градот Осиек, Иван Радиќ, истакна дека училиштата и градинките во Осиек денес работат нормално бидејќи условите не се нарушени, според мерењата на ДХМЗ.
На пожарникарите им помагаат припадници на цивилната заштита со робот, во областа околу пожарот пристигнуваат мобилни станици за мерење на квалитетот на почвата, воздухот и водата, а по санирањето на пожарот инспекциските служби ќе ги утврдуваат причините за пожарот.