Христијан Мицкоски бара лидерска средба

Претседавачот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повика на лидерска средба за предвремени парламентарни избори. Тој повтори дека партијата нема да го промени ставот за уставните измени и нема да се потчини на, како што рече, кампања на тортура и притисок. Според него, тортурата е организирана од Владата, која побарала и од претставниците на меѓународната заедница да ја измачуваат ВМРО-ДПМНЕ за да се прифати измена на Уставот.

Мицкоски рече дека досега партијата нудела решенија, како устав по хрватски модел и уставни измени со одложен ефект, но сега нема што да се разговара со власта освен предвремени избори.

„Нема ништо повеќе на маса, туку има само едно, лидерска средба околу датумот за предвремени парламентарни избори и на таа лидерска средба да се договорат деталите за законските измени. Подготвени сме за брзи парламентарни избори без техничка влада. Тоа е се што е на маса во моментов. Секој кој сака да разговара за оваа работа со нас е добредојден. Се друго ВМРО-ДПМНЕ во моментов го смета како дел од оваа кампања на тортура и притисок“, рече Христијан Мицкоски.

Претходно, владините претставници истакнаа дека изборите не се решение за процесот на уставни измени и деблокирање на евроинтегративниот процес на земјава. Прашан дали странскиот фактор врши притисок врз опозицијата за уставни измени, премиерот Димитар Ковачевски денеска реши да ја коментира последната изјава на Мицкоски дека „Европа и светот подготвуваат стратегии за разбивање на ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени“. Според Ковачевски, ваквите изјави потсетуваат на претходните времиња кога, како што додаде, граѓаните стравуваа дека постои некаков супер-непријател на Македонците.

„Во земја која има стратешко партнерство со САД, а ниту една друга земја во регионот, која е земја членка на НАТО, утврдувањето на тезата дека постои светски заговор, во никој случај не им користи ниту на граѓаните, ниту на државата. , освен во политичката кариера на тој што го кажува ова. Историјата потврди дека неносењето одлуки може само да ве остави во чекалницата, а како што велат и самите се подготвени да чекаат“, изјави Димитар Ковачевски – премиер.

Ковачевски истакна дека нема алтернатива да се продолжи по патот на евроинтеграциите. Тој повтори дека не би сакал земјата да се приклучи на групата Косово и Босна и Херцеговина, додека Албанија, Црна Гора и Србија ќе бидат чекор поблиску до членство.