Христијан Мицкоски: “За шест години власта потроши 25 милијарди евра, да ги прашаме граѓаните што направија“

„За шест години од 2018 година потрошија 25 милијарди евра и еве треба да ги прашаме граѓаните што направија со овие пари. Колку километри автопат направија, освен тоа што беше речиси готово, па го завршија и беше наследено од претходната влада на ВМРО ДПМНЕ“, вели претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање за буџетот за 2024 година за која Владата вели дека е развоен.

Тој го посочи проектот за автопатот од Кичево до Охрид каде има целосен застој, па како што кажа сега на отворена сцена има политички и криминални калкулантства. Додаде дека најавиле проект и потрошиле повеќе од 200 милиони евра, а буквално ниту една шајка не е закована.

Но, тоа е што е. Ако биле добри немало да бидат вакви очекувањата од ВМРО-ДПМНЕ како идна Влада. Ние сме подготвени сериозно да ја трансформираме Македонија, не треба повеќе да жалиме за тоа што се случи изминатите седум години, направија катастрофа и затоа ќе заминат и потоа треба да водат сметка што понатаму со нивната политичка кариера. Потрошија многу пари, но ништо не испорачаа. Се помал е лимитот за изработка на големи и суштински проекти, но ние треба прво основните потреби на граѓаните да ги реализираме, бидејќи тие имаат потреба од елементарни услови за живот и кога тоа ќе го завршиме можеме да зборуваме за нешто поголемо. Да го завршиме тоа што е почнато, кое сега претставуваат многу споменици во државата. Каде и да одите ќе видите споменици од некое време, не споменици како споменици, туку проекти почнати, запуштени-незавршени. Тоа да го завршиме прво и јас ви гарантирам дека луѓето ќе имаат надеж, бидејќи денес ја немаат“, истакна Христијан Мицкоски.

На новинарско прашање за стандардот на студентите и ветувањата за негово подобрување, Христијан Мицкоски вели дека можеби е најповикан да зборува како универзитетски професор бидејќи секојдневно се сретнува со студентите.

Еве појдете во Скопје, ветуваа дека во Студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе никне Студентски град – ништо нема направено буквално шест години, ниту лопата немаат фрлено. Тоа е што е, ситуацијата е таква каква што е-ќе остават навистина пустош, држава која постепено се празни, разочарани сограѓани кои немаат надеж, луѓе кои се отселуваат, многу криминал, многу корупција“, вели во одговорот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашан за денешниот штрајк на УПОЗ пред Владата и дали власта може да одговори на нивните барања, Христијан Мицкоски вели дека протестираат земјоделците, протестираат пензионерите, протестираат буквално сите во Македонија.

Само на еден му е добро, па го гледаме како вчера ги забавува гостите во еден локал во Белград, а тоа е премиерот Ковачевски. Тој си пее, луѓето се мачат, протестираат и резултатот од сето тоа ќе дојде за него на избори. Но, она што е важно дека се што ветија ништо не исполнија. Повторно ќе кажам тоа што е криминал и корупција ќе има одговорност, а за останатото ВМРО ДПМНЕ има јасен план, знаеме што правиме и каде треба да ја водиме Македонија“, подвлече Христијан Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕМакедонијаполитикаХристијан Мицкоски