Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, останува на чело на АНБ и покрај неговиот избор за асистент на Факултетот за безбедност.
– Дефинитивно потврдена е одлуката од Наставно-научниот совет за избор на асистент на Факултетот за безбедност, за што сум искрено благодарен на сите професори кои ја дадоа својата поддршка. Морам да истакнам и дека пријавата по јавен оглас беше пуштена од моја страна пред повеќе од еден месец, пред моето именување за директор. Не знам каква е процедурата и законските можности во овие околности, но секако приоритет ми е извршувањето на оваа важна функција која ја извршувам во моментов, вели Христовски за „Слободен печат“.
На нашето прашање дали ако процедурата налага да се откаже од звањето асистент за да остане на директорското место, Христовски ќе го стори тоа, тој потврди дека би се откажал од асистентското звање.