Хутите се сè поопасни: Удрија и потопија уште еден трговски брод во Црвеното Море и објавија видео

Трговскиот брод „Етернити Ц“, кој пловел под знамето на Либерија, бил погоден од силите на Хутите со крстосувачки ракети, по што бродот потонал.

Седум членови на екипажот на товарен брод што потона во Црвеното Море се спасени, но најмалку четворица загинаа и сè уште се водат како исчезнати.

„Етернити Ц“ првпат беше нападнат во понеделник попладне со дронови на море и ракети испукани од глисери од страна на Хутите. Сепак, бродот денес беше нападнат со крстосувачки ракети, по што бродот потона.

Хутите ја презедоа одговорноста за нападот, изразувајќи солидарност со Палестинците во Газа, истакнувајќи дека бродот се движел кон израелското пристаниште Еилат.

Ова е втор трговски брод потонат од Хутите во Црвеното Море, кој пловел под либериско знаме.

Портпаролката на американскиот Стејт департмент, Тами Брус, изјави дека овие напади укажуваат на заканата што Хутите ја претставуваат за безбедноста и слободата на пловидбата во Црвеното Море.