Царината поднесе кривична пријава против 9 лица за увоз на половни автомобили без плаќање увозни давачки

Царинската управа соопштува дека до Основното обвинителство е поднесена кривична пријава против 9 лица осомничени за сторени кривични дела со половни возила, при што според Царината, државниот буџет е оштетен за вкупно 635.827 денари. Во еден случај бил вмешан цариник, а за истиот службеник е издадено отказно решение. Од Царината соопштуваат дека овие случаи следуваат по претходни случаи за злоупотреба при увоз.

„Инспекторите констатирале сериозно прекршување на законските прописи и во друг случај, во кој возачот, увозникот и царинскиот службеник се осомничени дека внеле товарно возило во државата, избегнувајќи плаќање увозни давачки, нанесувајќи директна штета на буџетот од 256 илјади денари. Во овој случај возилото е одземено, а против сторителите е поднесена кривична пријава“, додаваат од Царината.

Кривична пријава за царинска измама и фалсификување исправа е поднесена и против фирма од Делчево.

„Во овој случај станува збор за кривични дела, за недоволно плаќање тарифи при увоз. Сторителите при увоз на товарно возило при царинење приложиле фалсификувана исправа за повластено потекло на стоката, за да бидат ослободени од плаќање царина. Ова е констатирано по проверка на доставениот доказ за потекло на стоката кај царинскиот орган на земја членка на ЕУ, по што е изготвено решение со кое увозникот мора да плати сума од 236.241 денари“, додаваат од Царината