Во Македонска Каменица целосно ликвидиран пожарот кој денеска попладне избувна во атарот на село Саса. Пожарот бил лоциран со помош на неодамна поставената кула за рана детекција на пожари, а во неговото гаснење учествуваше екипа на ТППЕ М. Каменица и шумски работници.
-Денеска, околу 14:00 часот, кулата за рана детекција детектираше пожар во с. Саса на местото наречено Траканички Рид. Во пожарот зафатена е површина од 2 хектари и изгорена ниско-стеблеста вегетација, сува трева папрат и трње. Во гаснењето учествуваа 2 пожарникари и тројца шумски работници, информираше Трајчевски.
Пожарот како што додаде целосно бил изгаснат попладне околу 17 часот.
-Она што е значајно е што преку Кулата за рана детекција добивме точен податок каде е пожарот, што и колку гори. На тој начин ни се олеснува почетниот дел за прибирање на информации за пожар и начинот со што и како да постапиме, додаде Трајчевски.
Кулата за рана детекција е изградена во рамки на проектот „Изградба на интегриран систем за рана детекција и превенција од шумски пожари во Невестино и Македонска Каменица“.