Видеото на кое се гледа како нозете на рускиот претседател Владимир Путин неконтролирано се грчат, предизвика нови шпекулации за неговото здравје.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли сите овие гласини како лажни, тврдејќи дека таквите приказни се само извор на забава во Кремљ.
– Со него сè е во ред, ова е апсолутно уште една лажна гласина – рече Песков.
Сепак, ова не е првпат да се појават гласини за здравјето на Путин. Кремљ цврсто ги негираше тврдењата, но изјавите и снимките од различни извори укажуваат на можни проблеми.
Антон Герашченко, поранешен советник на министерот за одбрана на Украина, сугерираше дека снимката на Путин била изменета од Кремљ за да се сокријат знаците на Паркинсонова болест.
– Прес-службата на Кремљ почна да ги отстранува метаподатоците од видеата и фотографиите на Путин со цел да оневозможи да се знае точното време и датум кога се направени. Сите датотеки објавени на веб-страницата на Кремљ имаат нули наместо оваа информација, што значи дека својствата на датотеките се променети – напиша Герашченко на мрежата „Х“.
Според него, две работи се особено интересни.
-Интересно е што метаподатоците беа дури и редактирани на снимката од специјалното обраќање на Путин во која тој зборуваше за употребата на ракетата „Орешник“ за напад на Украина, како и на видео снимката од неговиот говор од Казахстан – вели поранешниот советник на украинскиот министер за одбрана.
Досега имаше видеа од Путин како чудно се гребе за време на една посета, забележан е и како се потпира на маса додека оди тешко, чука со нозете и изгледа нестабилно додека оди.