Цената на златото денеска на светските берзи порасна на нов историски максимум од 2.365,39 долари за унца, што значи дека неговата цена од почетокот на годинава е зголемена за 14 отсто.
Златото традиционално се смета за безбедно засолниште за капиталот во тешки времиња и како заштита од инфлација, пишува Гардијан.
Аналитичарите велат дека цените на златото пораснале поради геополитичките тензии и војните во Украина и на Блискиот Исток, кои поттикнале некои трговци да инвестираат во златни шипки.
Некои централни банки исто така ги зголемуваат своите златни резерви, а кинеската централна банка купи злато 17-ти месец по ред во март за да ги зголеми своите резерви.
– Ако златото е добро за централните банки, тогаш е добро и за вас – вели колумнистката на Блумберг, Мерин Сомерсет Веб, која ги повика помалите инвеститори да инвестираат и во злато.
Пазарниот аналитичар на City Index и Forex.com, Фазад Разаквада, изјави дека во исто време цената на среброто расте поради попозитивните податоци кои доаѓаат од кинескиот индустриски сектор.