Вознемирувачка е последната анкета на Стопанската комора која со конкретни бројки ги докажува ендемските димензии на корупцијата во владата која замина, вели вицепремиерот за политики и добро владеење, Арбен Фетаи.
Претставниците на оваа криминализирана власт во текот на изминатата година, во сите ешалони без исклучок, барале мито од 10-100.000 евра и разни услуги, од повеќе од половина од анкетираните фирми. Мито било побарано при постапките за добивање дозволи и согласности, при инспекциски надзор, во текот на царинска и тендерска постапка, дури и по неколку пати во текот на една година од исти фирми, вели Фетаи.
„Постојано сме укажувале дека ДУИ, за 22 години владеење им донесе само лоши работи на граѓаните. Ова истражување е најточниот преглед на корупциската епидемија инсталирана од ДУИ, која негативно се одрази на странските инвестиции, вработеноста и севкупниот социо-економски развој.
Со овие појави безмилосно ќе се бори нашата Влада. Бизнисите мора да се ослободат од стравот и да достават предмети до Обвинителството. Правосудниот систем ќе биде ослободен од политичките влијанија и ќе се погрижи никој да не биде над законот. Исто така, бараме поддршка од партнерите, невладините организации и граѓаните во оваа борба, за заедно, како антикорупциски фронт, да ја промениме културата на власта и да кажеме не на коруптивните практики, што на претходната власт и беше дневна храна“, додава вицепремиерот.