Цените растат, минималната кошничка за декември е 62.861 денари

Минималната синдикална кошничка за декември годинава изнесува 62.861 денари (1.021 евро) и е за 840 денари повисока од ноември годинава кога изнесуваше 62.021 денари (1.008 евра). Со изнајмен стан од 60 метри квадратни изнесува 78.236 денари (1.271 евро), соопшти денеска Сојузот на синдикати на Македонија (CСМ).

Според пресметката на CСМ, од минималната синдикална кошничка едно четиричлено семејство мора да издвои 23.075 денари или 36,7 отсто за храна и пијалоци, за облека и обувки 5.728 денари или 9,1 отсто, за кирија, вода, струја и парно 6.020 денари или 9,6 отсто, за лична хигиена и одржување на домашна хигиена 2.087 денари или 3,3 отсто, за здравство 1.135 денари или 1,8 отсто, за превоз 4.727 денари или 7,5 отсто.

За комуникации на четиричлено семејство во декември годинава му се потребни 3.417 денари или 5,4 отсто, за рекреација и култура 4.458 денари или 7,1 отсто, за образование 6.984 денари или 11,1 отсто, за ресторани и хотели 4.131 денари или 6,6 отсто, додека за други стоки и услуги 1.100 денари или 1.7 проценти.

Доколку живеат под кирија им требаат и 21.395 денари.

„Вреди да се напомене дека од септември кога беше воведена првата мерка од Владата за ограничување на маржите, а со последната мерка, односно акцијата за намалување на цените за најмалку 10 отсто, сегментот храна и пијалоци во Минимум синдикалната кошничка која за месец декември изнесува 23.075 денари во однос на септември 2024 година (23.034,00 денари), е зголемена за 41,00 денари, што потврдува дека се почесто се потребни мерки со оглед дека трговците ја злоупотребуваат секоја можност да се збогатат на сметка на граѓаните и работниците“, се вели во соопштението.

Загрижувачки е што трговците повторно го искористија периодот пред да стапи на сила најновата акција и, се разбира, јасно ги зголемија цените, како и вредноста на минималната синдикална кошничка за храна и пијалоци за 63 основни производи кои се дел од истиот за декември е 23.075 е зголемен за 397 денари, наместо да се намали за најмалку 10 отсто.

„Сојузот на синдикати на Македонија бара мерките да траат подолго, Владата очигледно да придонесе за одржување на стандардот на граѓаните, додека следната мерка е без информирање на трговците и стопанствениците кои го прават тоа, да не го прават тоа повторно на сметка на граѓаните и работниците“, се наведува во соопштението на CСМ.