– Централното претседателство на Алтернатива го овласти претседателот на партијата Африм Гаши да отпочне разговори за идни потенцијални соработки во рамки на албанската опозиција, било тоа во рамки на Собранието или во рамки на евентуални идни коалициони соработки, истакна ви изјава за медиумите партискиот портпарол Орхан Муртезани.
-Ова од страна на Алтернатива се смета како еден чекор во насока на идните евентуални соработки и до ова е дојдено како резултат на слушање на гласот на албанскиот електорат во Македонија којшто веќе 20 години инсистира на промени, рече Муртезани по завршувањето на состанокот на Централното претседателство на партијата.
На новинарско прашање до каде може да оди соработката со Движењето Беса и дали може да има некаква коалициска соработка на следните избори, Муртезани рече дека не ограничиле како ќе тече оваа соработка.
-Не ограничивме како ќе тече оваа соработка. Затоа Централното претседателство го овласти претседателот без никакви ограничувања, било за соработка во рамки на Собранието или било за можни предизборни коалиции во иднина. Подготвени сме и отворени за секаков вид на соработка, рече тој.
Муртезани соопшти дека вечерва на состанокот на Централното претседателство на Алтернатива е разговарано за актуелните теми поврзано со уставните измени, со предлог амандманот на Алтернатива за незастарување од политичка корупција, евроинтегративните процеси.
Прашан дали со ова покажуваат дека поминале претходните препукувања меѓу Беса и Алтернатива, Муртезани изјави дека не ги заборавиле политичките разлики што ги имале во минатото, но и сегашните.
-Ние не ги заборавивме политичките разлики кога имавме соработка со други партии за време на изборните циклуси, ниту во овој случај не ги забораваме политичките разлики што ги имаме, но гласот на граѓаните е многу јасен и тоа се бара во овој случај, да се надминуваме себеси и да можеме да создадеме простор да овозможиме реализација на политички промени во албанската опозиција, рече Муртезани.