Црвениот крст им исплати средства на семејствата на загинатите и повредените во пожарот во Кочани

Црвениот крст им исплати средства на семејствата на загинатите и повредените во пожарот во Кочани

Од Црвениот крст информираа дека до денес се собрани 102.410.247,00 денари. Досега се извршени исплати на семејствата на сите загинати и повредени лица кои се лекуваат во странство од трагичната несреќа во Кочани.

„Следува прибирање на податоци за повредените хоспитализирани во болниците во земјава во соработка со Службата за општи и заеднички работи на Владата. По добивањето на списоците веднаш ќе се изврши исплатата на средствата. Се надеваме на почетокот на следната недела. Веднаш потоа Црвениот крст на Република Македонија ќе започне со усогласување на критериумите за исплата на преостанатите средства за повредените“, велат од Црвениот крст на Република Македонија.

Во продолжение, нагласуваат, Црвениот крст продолжува да дава психосоцијална поддршка на настраданото население преку ангажман на над 100 психолози во соработка со Комората на психолози на Македонија.

Во соработка со училиштата се организира секојдневна поддршка на наставниците и учениците за справување со ситуацијата, како и припадниците на противпожарната единица и припадниците на Министерството за внатрешни работи. На барање на универзитетите, Црвениот крст организира обука за прва помош и психолошка прва помош за студентите.

Во соработка со Министерството за образование и наука и Комората на психолози на Македонија, Црвениот крст во наредниот период ќе спроведе активности за едукација на студентите, наставниот и стручниот кадар за справување со стресни ситуации, навремено идентификување и намалување на ранливоста предизвикана од кризи и вонредни ситуации, како и за ублажување и отстранување на последиците по менталното здравје при кризни состојби и вонредни состојби.