Велика Британија, Белгија, Холандија и Франција се подготвуваат за пристигнувањето на силната бура Сиаран во четврток навечер.
Силната есенска бура може да донесе ветрови со брзина од 170 километри на час на одредени места, силен дожд и бранови од десет метри. Опасноста особено се заканува на голем дел од северо-западна Франција, белгиските брегови и југозападниот дел на Англија и надворешните делови на Велс.
Од среда на полноќ до четврток наутро, три француски крајбрежни департмани во Бретања и Нормандија ќе бидат под највисока црвена тревога поради силни ветрови, соопшти Meteo-France. Портокалова тревога е прогласена во два бретонски департмани (Finistère и Côtes d’Armor) бидејќи се очекуваат обилни дождови, поплави и високи бранови.
Бурата би можела да ја погоди областа со налети на ветер од 130 до 150 километри на час, според француските синоптичари.
Во вториот дел од ноќта се очекува втората фаза од невремето, посилно, особено во Бретања и Нормандија, со удари на ветер од 170 километри на час.
Седумнаесет француски департмани југозападно и северно од Париз ќе бидат под портокалова тревога поради заканата од високи бранови, ветер, дожд и поплави. На францускиот брег на Атлантикот се очекуваат бранови од осум до десет метри, предупредија властите.
Поради пристигнувањето на невремето, француската железничка компанија SNCF го прекина сообраќајот на регионалните возови и неколку линии супербрзи возови.
Во Велика Британија, портокалово предупредување за силни ветрови е издадено за југо-југозападна Англија, рабовите на Велс и брегот на Ла Манш. Се очекува брзина на ветерот од 100 до 135 километри на час.
Обилни врнежи се очекуваат на североистокот на Англија, до Шкотска и на истокот на Северна Ирска, која веќе е зафатена од поплави.