Црна Гора затвора три кластери, Албанија отвора нов, Македонија и натаму бара гаранции од ЕУ

Во понеделник и вторник Црна Гора и Албанија ќе направат нови чекори кон ЕУ, Македонија веќе останува заглавена со српскиот свет.

Во некакво чувство дека не сме осамени од регионот како држава на која ѝ се случуваат блокади на патот кон ЕУ, вчерашната вест дека Хрватска ставила блокада на Црна Гора при затворањето на поглавјето за надворешна, безбедносна и одбранбена политика изгледаше како мелем за повредената македонска гордост.

Заедно со неуспешноста по втор пат на унгарското претседателство да го отвори 3 со Србија (Конклузивност и инклузивен раст) на состанокот на амбасадорите на ЕУ во петокот, тоа изгледа како привид дека Унијата, всушност, не е заинтересирана да ги вклучи земјите од Западен Балкан во своите редови.

Во истиот ден премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Фактор“ изјави дека „имаме подготвеност за носење на уставните измени, но пораката е јасна, носењето на уставните измени не треба да служи само за отворање на процесот. Ние мора да знаеме дека тој процес ќе заврши и кога“.

Денеска Мицкоски ја дополни оваа изјава велејќи дека државата е подготвена позитивно да одговори за да се најде конструктивно решение, но во спротивно „можам да заклучам дека ние како држава, Балканот, за жал не сме во фокусот на оваа администрација на Брисел“.

Ниедна од овие земји од регионот кои преговараат со ЕУ досега не побарала од Унијата да им го каже датумот кога ќе завршат преговорите за пристапување и дека при испитите ќе треба посекако да им се даваат седумки намосте петки (ако такви заслужуваат).

Главната вест од амбасадорскиот состанок на ЕУ од петокот е дека Црна Гора на меѓувладината конференција закажана за в понеделник 16 декември ќе затвори три поглавја од преговорите – право за интелектуална сопственост, информатичко општество и медиуми и претприемништво и индустриска политика. Црна Гора беше технички подготвена да затвори четири поглавја, но Хрватска денеска беше против затворање на поглавјето за надворешна, безбедносна и одбранбена политика.

Црна Гора во јуни годинава излезе од повеќегодишниот застој и го деблокираше пристапниот процес по позитивниот извештај од ЕУ, но ситуацијата се изкомплицира за неа во односите со Хрватска. Хрватска е членка на ЕУ, а добрососедските односи се едни од најважните услови, за Црна Гора си стави непријатен товар врз себе откако нејзиното собрание на крајот на јуни ја усвои резолуцијата за геноцидот во Јасеновац во која под притисок на просрспките и српските партии ја разводнува ова голема трагедија. Загреб ова го оцени како провокација и прогласи тројца високи црногорски функционери за непожелни лица во Хрватска.

Минатиот месец Хрватска испрати нон-пејпер до Црна Гора, во кој бара решавање на неколку отворени прашања меѓу двете земји. Во тој документ, според дипломатски извори, се наведува дека двете земји треба да ги решат прашањата за сопственоста на тренинг-бродот „Јадран“, меѓусебната демаркација, гонењето на воените злосторства, потрагата по исчезнати лица, како и прашањето за називот на градскиот базен во Котор, кој го носи името на поранешниот ватерполист Зоран Гопчевиќ, за кого Хрватска тврди дека бил чувар во озлогласениот логор Морињ во Бока Которска. Таму во 1991 и 1992 припадниците на ЈНА држеле околу 300 хрватски воени заробеници и цивили на почетокот од судирите кои избувнаа во Хрватска. За Хрватска тоа е прилично болна епизода затоа што се врзува за нападите на Дубровник.

Амбасадорите постигнаа договор и за отворање на кластерот 6 со Албанија, што е втор за неа по одвојувањето од Македонија. Кластерот ќе се отвори во вторник на 17 декември.

Македонската делгација на чело со Христијан Мицкоски ќе биде во вторник во Брисел на самитот ЕУ-Западен Балкан и ќе може одблизу да следи како се затвораат три поглавја со Црна Гора и се отвора уште едно со Албанија. И може да бара поистоветување – дали со заглавеноста на Србија, главно поради нејзиното одбивање да воведе санкции против Русија, или да се труди да ги стигне Црна Гора и Албанија.

Прашањето на преговорите на Србија со ЕУ влегоа во ќор-сокак откако Александар Вучиќ одби да воведе санкции против Москва поради агресијата на Украина.

Унгарското претседателство направи сѐ што може да се отвори кластерот 3 со Србија, но не успеа ни минатата недела ни оваа. Европската комисија вели дека Србија е технички подготвена, но сè уште нема консензус меѓу земјите-членки.

Србија вчера не беше ни на дневен ред на состанокот на Комитетот на постојани претставници, бидејќи осум земји сè уште се против отворањето на тој кластер. Тоа се Бугарија, Хрватска, Финска, Шведска, Естонија, Холандија, Летонија и Литванија. Србија не отворила ниедно ново поглавје уште од декември 2021, затоа што Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022, а Белград одби да воведе санкции против Москва. Секако, тука е и прашањето за нормализацијата на односите со Косово.

Србија досега има отворено 16 од 34 поглавја, а како посебно 35-то во преговарачката рамка се наведени односите со Косово.

„Да ме праша Господ што им згрешивме на Бугарите, не би знаел да како да ви кажам и објаснам. Изгледа разбирам кои се вистинските причини, без разлика што никогаш нема да ги слушнете. За Хрватите разбирам сѐ, немам голем проблем да го разберам. А за нас има две важни вести: да продолжиме да се бориме и да разговараме со сите нив“, изјави Вучиќ на веста од минатата недела дека Србија не доби зелено светло за отворање на кластерот.

Но српскиот претседател не спомена што им згрешил Белград на нордиските и балтичките земји, плус Холандија.

Телевизијата Н1 испрати прашање до бугарската амбасада во Белград зошто Софија не се согласила да се отвори кластерот 3 и доби сув одговор:

„Исполнувањето на поставените услови е од клучно значење за успешен пристап на сите земји кандидати во Европската унија. Бугарија учествува конструктивно во дискусиите во рамките на Советот на ЕУ за политиката за проширување. Министерството за надворешни работи на Бугарија не смета за соодветно да го коментира прашањето за кое моментално се води внатрешна расправа во подготвителните тела на Советот на ЕУ.

Како што сега стојат работите, Македонија веќе влегува во орбитата на српскиот свет. Премиерот Мицкоски на неодамнешниот вински саем во Белград се најде опкружен од врвот на српскиот свет – Александар Вучиќ, српскиот премиер Милош Вучевиќ, претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и членот на претседателството на Босна и Херцеговина од Република Српска, Жељка Цвијановиќ. Еди Рама избегна да дојде, испрати само видео порака.