Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе пристигне на 15 мај во официјална посета на Црна Гора, каде што ќе се сретне со претседателот Јаков Милатовиќ, со кого ќе потпише билатерален договор за безбедност, во пошироките рамки на соработката меѓу Украина и земјите-членки на НАТО, пишува порталот „Дан“ од Подгорица.
Според црногорскиот портал, документот го следи моделот на безбедносни договори што Украина претходно ги склучи со неколку западни земји, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Германија, Франција и Италија, пренесува Телеграф.
Целта на овие договори е да се обезбеди долгорочна поддршка на Украина во областа на безбедноста и одбраната, преку воена помош, обука, разузнавачка соработка и зајакнување на отпорот на земјата во услови на руска агресија.
Со овој чин, Црна Гора ќе ја потврди својата силна поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и ќе се придружи на групата членки на НАТО кои веќе презедоа обврски согласно заедничката декларација од јули 2023 година.
Се очекува деталите од договорот да бидат објавени по официјалното потпишување во Подгорица.