Некои игри целата профитабилност ја базираат не од продажбата на копии од играта, туку од внатрешните трансакции.
Неофицијалниот пазар на естетски додатоци само од популарната видео игра „Кантер Страјк: Глобал Офенсив“ се проценува на 300 милиони долари годишно, додека пак целокупно од сите популарни игри достигнува и 15 милијарди долари годишно, според неофицијални проценки.
Особено најавата за новата верзија која доаѓа ова лето, предизвика зголемен интерес за тргување со додатоците во играта „CS GO“ кои се исклучиво козметички и не му даваат никаква предност на играчот, но слично како со НФТ треската, достигнуваат вртоглави суми од над 500.000 евра.
Што се естетски додатоци?
Голем број на популарни „шутери“ се бесплатни за сите играчи. Се што ви треба е компјутер, интернет конекција, и избор на некој од гејминг клиентите за да ја започнете авантурата со видео игрите со противници од целиот свет.
Некои игри целата профитабилност ја базираат не од продажбата на копии од играта, туку од внатрешните трансакции. Најголем дел од нив се т.н. козметички измени со украси на оружјата, предметите, облеката и визуелниот изглед на ликот во играта.
Предметите ги дизајнираат дигитални уметници, а многу често и самите гејмери или членовите на заедницата на одредена видео игра.
Како се создава црн пазар?
Се организираат и посебни настани во самата игра кога играчите имаат шанса да отворат кутии со специјални предмети. Тие кои се исклучително ретки се награда за најпосветените, но и тие кои имале малку среќа, да им се падне лотаријата.
Иако во самиот официјален маркет на клиенти за игри како „Валв“ или „Епик Гејмс Стор“ овие предмети се доделуваат преку настанатите или преку продажба, нивната вредност добива астрономски размери во неофицијалниот пазар.
Играчите може да си ги разменуваат додатоците преку профилот, но вистинската трансакција да ја прават преку надворешен канал. Така одредени додатоци за оружјата во Кантер Страјк неодамна се тврди дека биле продадени за над 700.000 долари.
Валв најави дека сите „скинови“ односно естетски и козметички додатоци ќе бидат префрлени во новата верзија на „Кантер Страјк 2“, што ги поттикна трговците да ги зголемат цените.
Што преземаат клиентите за видео игри?
Големите клиенти за видео игри „Валв“, „Епик Стор“, „Батл Нет“, „Ју Плеј“, „Ориџин“ и многу други, имаат официјален став дека се против илегалната трговија со предмети од игрите, но немаат целосни системи како да ја спречат.
Меѓу вообичаените мерки кои ги преземаат се блокирање на профили кои пречесто коментираат за тргување со предмети и шират шпекулации за пумпање на цените.
Но, и недостигот на креативни решенија во полза на гејмерите водат кон измами на несигурни веб сајтови, хакерски напади врз профили за пробивање на вредни колекции и кражба на предмети кои на црниот пазар имаат огромна вредност.
Дури и кражбата да биде пријавена пред органите на прогoнот, истата во „реалниот свет“ би вредела само неколку долари како што стои во официјалниот маркет на гејминг клиентите.
За да се надминат дел од проблемите, експертите препорачуваат да се воведе блокчејн технологијата во официјалните маркети за следење на сопствеништвото и трансакциите со специјалните предмети и забрана за нелегалните црни пазари кои со себе вовлекуваат илјадници млади луѓе.
TRT Balkan